🕓 Пон – Пет: 07:30 – 20:00 | Саб: 07:30 – 13:30

📞 023220505 | 078262220

Водич за лабораториски испитувања

Лабораториски анализи

Доаѓањето во лабораторија понегаш е стресно, но она што е од клучно значење е имањето во предвид на сите фактори кои можат да придонесат кон евентуални отстапувања. За таа намена, освен што е битна консултација со Вашиот матичен доктор, неопходна е и соработка со тимот на лаборанти пред земање на примерокот.

За повеќе од лабораториските испитувања потребно е земање на примерок на празен стомак, со поминати 12 часа од последниот оброк, поради фактот дека внес на храна пред земање на примерокот може да пројави поголема концентрација на гликоза, холестерол, железо и други параметри. Затоа, од суштинско значење е следење на некои препораки и совети со цел правилна дијагностика, како што се следниве:

  • Препорачливо е анализата на крвта да се направи од 8-11 часот наутро, по период на гладување од 8 до 14 часа, со конзумирање на вода во вообичаениот режим. Прејадување во текот на претходниот ден треба да се избегнува
  • Продолжете со земање на терапијата со лекови, но задолжително информирајте ја лабораторијата пред земањето на крвта за можни интеракции на лековите со параметрите кои се испитуваат;
  • Не се препорачува конзумирање на алкохол во текот на претходниот ден;
  • Пушењето да се избегнува 1 час пред земање на крв за лабораториските анализи;
  • Избегнувајте физички и емоционани стресови ден пред лабораториските тестови;
  • Се препорачува одложување на лабораториска анализа за неколку дена по некои медицински процедури (пр. одредување на PSA по биопсија на простата);
  • Одредени параметри се директно зависни од конзумирање храна и се препорачува да се испитуваат по гладување (од 8-14 часа): липиден профил (холестерол, HDL, LDL, VLDL, триглицериди, apoA1, apoB, и др.); OGT тест (за толеранција на глукоза);
  • За следење на динамика на некој параметар се препорачува да се направат повторни тестови под слични услови: во истата лабораторија, во исто време на денот;
  • За испитување на репродуктивните хормони кај жените потребно е да се консултирате со вашиот доктор во која фаза од менструалниот циклус е потребно да се испитаат: најчесто е потребно да се испитаат на 3 ден од менструалниот циклус, додека прогестеронот на 21 ден  
  • Дневно-ноќните ритами се значајни за некои параметри: ACTH, кортизол, серумско железо итн.

 

Како правилно се зема примерок урина за биохемиско и микробиолошко испитување

Основната анализа за дијагностицирање на бубрежни болести е квалитативната анализа на урината. Истата се состои од 3 дела:

  • Физички преглед на урината (изглед, боја и мирис);
  • Хемиски преглед преку која се испитуваат аналити кои ги нема или пак се присутни во трагови (крв, протеини, леукоцити, нитрити, билирубини и др.) и
  • Микроскопски преглед на седимент на урина.

Присуство на бактерии во урината се одредува преку микробиолошко испитување на урината – анализа позната како уринокултура. Оваа анализа дава информација за присуство/отсуство на патогени бактерии во урината. Затоа е исклучително важно истата да се донесе во стерилна чашка.

Урина за уринкултура може да се земе во било кое време во текот на денот, со исклучок за Mycobacterium tuberculosis и хламидска инфекција кога мора да биде првата утринска урина.

 

Постапка за правилно земање на примерок:

  • Се прави тоалета на надворешните генилани органи, со вода и сапун но не со дезинфициенси
  • се зема од среден млаз во текот на мокрењето, директно во стерилната чашка
  • Урината треба да се достави до лабораторијата најдоцна до 2 часа од земањето на примерокот, ако е тоа невозможно треба да се чува во фрижидер најмногу до 24 часа

 

Нашиот тим ви стои на располагање за сите потребни информации, консултации и совет, со цел непречена, ефикасна и точна дијагностика.

Вашето здравје е секогаш наш приоритет.