Спермограм претставува лабораториска метода и анализа за утврдување на количеството и квалитетот на семената течност ослободена за време на ејакулацијата.
Спермограмот заедно со спермокултурата се почетни дијагностички техники за утврдување на причинителите на неплодноста.
Се спермограмот се прави анализа на вкупниот број на сперматозоиди, концентрацијата, морфологијата, подвижноста, ликвефакцијата и друго, додека спермокултурата дава информација за присуството на патогени микроорганизми во ејакулатот.
Машката инфертилност е се почеста причина за неплодност
Генерално гледано, статистиката вели декасекој шести пар, односно 15%, се соочува со проблеми со инфертилитет.
Многу често се говори за женски инфертилитет, но се почесто во последно време статистиките посочуваат на машки инфертилитет, односно машка причина за неплодност и тоа кај речиси 50% од паровите кои не можеле да остварат зачнување после 1 година.
Кај повеќе од 40% од случаите како најчеста причина за неплодност кај мажите се посочува недоволниот број на сперматозоиди. Во остатокот како причини се наведуваат оштетувања на тестисите (воспалителни, хромозомски или како резултат на зрачење), проширени вени во скротумот, автоимуни заболувања, нарушувања на хипофизата итн.
Макропски и микроскопски параметри
Семената течност е вискозна, белузлава течност која содржи сперматозоиди и производи од неколку жлезди. Сперматозоидите се репродуктивни клетки во семената течност, кои имаат глава, врат и опашка и содржат по една копија од секој хромозом (сите гени на машки пол).
Анализата на семената течност вклучува одредување на макроскопски испитувања (изглед, ликвефакција, pH, волумен, вискозност) и микроскопски карактеристики каде се одредува квантитативното присуство и подвижноста на сперматозоидите, како и морфолошките испитувања.
Испитувањата од овие резултати ги даваат првичните информации за машката неплодност. Многу е битно да се напомене дека клиничката дијагноза не треба да се прави врз основа на еден резултат, туку треба да се интегрираат клиничките и лабораториските резултати.
Што се утврдува со спермограмот?!
Спермограмот опфаќа макроскопски и микроскопски испитувања кои допринесуваат за толкување на резултат и давање соодветна дијагноза:
*Normozoospermia – кога вкупниот број на сперматозоиди, прогресивно подвижни и морфолошки нормални се еднакви или над долната референтна граница
*Oligozoospermia – вкупниот број на сперматозоиди (или нивната концентрација) е под долниот референтен лимит
*Asthenozoospermia – процентот на прогресивно подвижни сперматозоиди е под долниот референтен лимит
*Teratozoospermia – процентот на морфолошки нормални сперматозоиди е под долната референтна граница
*Azoospermia – отсуство на сперматозоиди во ејакулатот.
Со исклучок на azoospermia и normozoospermia, останатите дијагнози може да се комбинираат меѓу себе.
Доколку се утврди отстапување на некоја вредност во спермограмот, по консултација со гинеколог или уролог се продолжува со испитувања за утврдување на потеклото на состојбата, се со цел давање на соодветна терапија.
Со спермокултура се испитува присуството (идентификацијата) на патогените микроорганизми присутни во семената течност, како и одредување на сензитивноста на одредени антибиотици (антибиограм). Овој метод е стандардно микробиолошко садење на хранителни подлоги подробни за растење на бактерии присутни во семената течност.
Развојот на медицинската дијагностика допринесе за воведување на уште еден нов тест со PCR метода (polymerase chain reaction) во кој се опфаќаат 33 сексуално преносливи микроорганизми. Со овој метод се детектираат микроорганизмите и во најмали концентрации и се нарекува Androflor.
Каков примерок е потребен?
- Примерокот од семената течност се собира во чист стерилен сад со широк отвор. По земањето на примерокот потребно е истиот веднаш да се транспортира до лабораторијата за испитување. Спермата е многу чувствителна на температура.
- Примерокот треба да се чува на телесна температура (37ºC) со тоа што ќе се држи блиску до телото за време на транспортот. Не треба да се остава на собна температура подолг временски период и не треба да се лади.
Подготовки пред тестот
- Препорачливо е земање на утрински примерок, без претходно конзумирање на храна и пијалоци со исклучок на вода.
- Потребно е да се прекине со терапија на литиум, антациди, диуретици или суплементи на витамин Д пред земање на примерок.