Јована Георгиева – дипломиран молекуларен биолог, горд сопственик на бронзен медал од Европско Првенство и наш претставник на светското карате првенство овој месец во Дубаи.

Навистина е тешко во неколку зборови и по правилен редослед да ја претставиме оваа исклучителна успешна млада дама, која зад себе носи багаж од достигнувања и успеси на нејзини само 24 години.

Нежна и скромна, но додека разговараваме со неа, страста и пасијата додека говореше за своите животни определби блескаа од нејзините очи.

Јована веќе некое време работи како молекуларен биолог во Генеа лабораторија, а со каратето се занимава од свои 5 години, веќе 10 години и професионално, како државна репрезентативка во карате. Во 2017 беше прогласена за најдобра спортистка на годината, по освоениот бронзен медал на Европското Првенство во карате во Турција.

Додека неврзано течеше разговорот, низ секоја нејзина реченица провејуваше ведрина, оптимизам и се редеа имињата на нејзините колешки од Генеа кои неколкупати напомена да не ги заборавиме, тимот со кој ги дели сите предизвици од науката, секојдневието, обврските, секое добро и лошо: Кика, Анастасија, Нате, Весна, Тамара, Тања, Данче, Ема, Јана, Јасна .тоа е тимот.

Со голема љубов и благодарност говори и за Мирјана Ложанковска Трниниќ, сопственичката на Генеа, за којашто вели дека без Мими нејзиниот сон би имал поинаква димензија.

 

Која е Јована Георгиева накратко?

Дипломиран молекуларен биолог со просек 9,74. Со каратето започнав прво по желба на татко ми, а сега таа љубов е моја најавтентична особина, нешто што си го втемелувам како најмое. Во моите почетоци бев хиперактивно дете, мешав лева и десна рака, сакав секој ден да одам на тренинг и сакав да се натпреварувам со сите. Сега веќе сфаќам дека се натпреварувам сама со себе и тоа ми е движечка сила. Љубов и интерес кон науката постоеле отсекогаш, мајка ми уште како дете така ме учеше да гледам подлабоко низ работите, само бев на мисла која природна наука ќе ја учам. Отсекогаш ја сакав работата во лабораторија и микросветот, невидливото и апстрактното ми биле интересни. Може да се каже дека денес со полни гради ги живеам и двете мои животни определби.

 

Јована со голема страст говори за тоа како паралелно се носела со двата повици, и факултетот и каратето и од каде ја влечела инспирацијата за да успее и во двете!

Цел живот паралелно се справувам со две работи. Ми беше тешко затоа што сум перфекционист и сакав во двете области да бидам врвна. Постојано нешто беше жртвувано, но секогаш успевав со сè. Но, со тој поглед на нештата никогаш ништо не беше доволно, иако знам дека зад себе имам вистински успеси. Во овие години успеав да освојам Европски сениорски медал и да дипломирам успешно. Сега сè уште правам две работи паралелно, меѓутоа со годините научив добро да го свртам фокусот и концентрацијата кон едно од нештата што ги правам, научив да бидам пофункционална и само да ги менувам приоритетите, не и да се откажам од еден. Инспирација секогаш ми било: Dig deeper! Секогаш сакав и сакам да се победувам себеси, затоа што кога тоа успева, веќе не постои конкуренција.

Беше тешко да се одржува високо ниво во двете, учев помеѓу натпревари, после тренинг, пред тренинг, но едното ме одмораше од другото и најзаслужен за се сметам дека е мојот willpower, и тоа го сметам за мој најголем ас. Меѓутоа од денешен аспект мислам дека вредеше, затоа што станувам сè што некогаш сум сакала да бидам, го живеам сонот од детството.

 

Како тече еден обичен работен ден на Јована во Генеа?

Моментално тренирам во карате клубот „Олимпик спорт 2007“, таму ми поминуваат раните утрински часови. Во попладневните и вечерните, науката стапува на сцена, какви обврски е потребно да завршам за тој ден, го гледам интеннзитетот на работата, се организирам и почнувам со анализи. Сработувам се и ги толкувам резултатите. Другиот дел од работното време одличен го прави тимот. Она што ми е мене најважно е дека со колегите сме одличен тим, затоа што сите се посветени, го разбираат и сакаат тоа што го прават. За да една лабораторија функционира добро во време на пандемија, јасно е дека тимот добро и организирано работел и ги прифатил сите предизвици.

За предизвиците да се преточат во успех и реалност, неопходна е поддршката и од семејството и од колегите. Јас сум среќна што тоа го имав во неограничени количини. Мојот најблизок круг знае колку сум вложена во секој натпревар особено сега. Мими навистина покажа разбирање и поддршка, благодарна сум за шансата што ја добив, работам на тоа да ја оправдам, меѓутоа веројатно само остварена жена со идеи и амбиции би дала поддршка на друга жена што е на пат да се реализира.

 

Оваа недела Јована ќе настапи на светското првенство во карате за сениори во Дубаи, во категорија до 55 килограми.

Јована вели: „Возбудата расте секој ден. Се подготвував и вежбав многу време, вложена сум и ментално и физички веќе голем период. Конкуренцијата е навистина тешка, но јас сум сигурна дека ќе дадам се од себе. Без разлика на резултатот желбата да се натпреварувам и да останам во спортот ќе продолжи со сигурност да опстојува во мојот живот. За тоа ме мотивираат луѓето со кои секојдневно тренирам, моите тренери и едноставно сонот за медал што го живееме сите.

Каратето ме има научено на дисциплина, на издржливост, на истрајност, почит и неоткажување и тоа се некои вредности за цел живот, секако кои ми помагаат во тоа како гледам на секојдневните предизвици и како ги решавам.

Пандемијата па од друга страна ме натера да размислам за моите приоритети, научив да се адаптирам полесно. Бев сама со себе повеќе отколку што дозволуваше моето пренапорно секојдневие порано, па тоа беше убава лекција.“

 

За своето слободно време и ритуали, таа вели:

Во мојот дневен распоред секоја минута има своја намена, но колку и да звучи тоа ригидно, секој час и обврска ми причинува задоволство. Слободното време кое малку го имам сакам да го поминувам со моите драги луѓе кои ми даваат енергијата. Семејството, партнерот, пријателите … Убавата храна и сончевите зраци ми вдахнуваат посебна енергија. Се обидувам секој период од денот да го поминам ефикасно и да одвојам секогаш време и за работите и за луѓето што ги сакам. Најомилен период од денот ми е 8 am за тренинг и секако потоа од 4-6 pm кога можам да се нурнам во моите професионални води и предизвици.

 

Кога би морала да се одлучиш за едно како професија, што би било тоа?

Би сакала да можев да се одлучам за едно, но не успеав. Имам сè уште нереализирани соништа и во двете професии. Единствено што сакам да успеам е подобро да ги менаџирам и двете, но никако нема да застанам ни со едното ни со другото. Предизвиците ми се и на обете полиња: во работата ми е да учам постојано, да се надградувам и да бидам во тек со сè ново во молекуларната биологија, среќна сум што ја имам таа можност тука во Генеа. Предизвик во спортот ми е секако да освојам уште еден голем медал по оној од 2017.

Како што самата таа знае да каже како порака, мудрост и нејзин двигател: „When there’s nothing left to burn, you have to set yourself on fire!“.

Среќно Јована, со или без медал, за нас си секогаш победник и инспирација.