Диференцијалната крвна слика претставува група на тестови кои ги одредува клетките што циркулираат во крвта.

Крвните клетки се произведуваат и зреат примарно во коскената срцевина и во нормални услови, се ослободуваат во крвотокот. Три типови на клетки се испитуваат со овој тест: црвени крвни клетки (еритроцити), бели крвни клетки (леукоцити) и тромбоцити.

Од еритроцитите се добиваат хемоглобинот, хематокритот и останатите параметри значајни за големината и волуменот на еритроцитите. Леукоцитната лоза се расчленува на лимфоцити, моноцити и гранулоцити. 

Овој тест се користи за одредување на целокупниот здравствен статус; да се испита, дијагностицира или следи болест или состојба која влијае на крвните клетки, како што се анемија, инфекција, воспаление итн.

Потребно е земање на примерок крв од пациентот, без претходна подготовка. Внесување на храна не влијае на резултатот.

Во зависност од состојбата на пациентот се одредува кои дополнителни тестови ќе се испитуваат. При настинки, најчесто се испитува заедно со CRP (C-reactive protein). За рутински основен преглед, се испитува заедно со: глукоза, холестерол, триглицериди, AST, ALT, уреа, креатинин, серумско железо и урина, таканаречениот ЛУ1 пакет.