Ковид-19 пандемијата го промени животот и секојдневието на сите нас и од секој агол. И додека бројките ширум светот се уште вртоглаво растат, броејќи повеќе od 380 милиони инфицирани луѓе на светско ниво и преку 5 милиони починати, науката и медицината на дневно ниво работат на нови испитувања и сознанија кои можат да го променат текот на пандемијата и болеста.
Може слободно да се констатира дека во вториот дел од пандемијата, и покрај појавата на новите и агресивни мутации на вирусот, сознанијата на располагање и истражувања помогнаа многу во рана дијагноза и третман, како и намалување на стапките како на хоспитализација, така и на смртност. Останува неспорен фактот дека овие стапки се значителнo поголеми кај земјите во развој во споредба со развиените земји, кои имаат ограничен пристап до ресурси, алатки и опрема.
Во поглед на лабораториските испитувања и параметри, се уште се трага по идеалната формула и параметри кои ќе овозможат полесно согледување и анамнеза на состојбата на пациентот во сите фази на болеста, особено пред да настанат потенцијални компликации.
Веќе одамна е добро познато дека вирусот е непредвидлив, и дава различна клиничка слика во различни денови и фази на болеста, уште еднаш потенцирајќи ја потребата за поредовни лабораториски испитувања и пратење на состојбата, таму каде што посебно постои индиција и ризик фактор.
Неодамна, колеги во Emergency одделот во Emilia Romagna, Италија, едни од првите кои беа на ударот на првите најлетални бранови на короната, спроведоа рутински лабораториски истражувања на примероци на крв на повеќе пациенти со потврден ковид-19, со цел да идентификуваат степен на оштетеност на ткивото и инфламаторен статус кај пациентите кои биле примени во болницата, посебно на оние кои веќе имале потешкотии со дишење и ниско ниво на проток на кислорот.
Резултатите, освен типичните отстапувања како лимфоцитопенија и подигнато ниво на CRP, покажаа и високо ниво на присуство на протеинот лактат дехидрогеназа (LDH). Сето тоа било пропратено со покачени вредности на ензимите AST, ALT и креатин киназа (CK).
Покачените вредности на LDH и CRP покажале поврзаност со респираторниот систем и влошување на состојбата на пациентите, и тоа како предзнак за почеток на влошувањето. Кај сите смртни исходи било забележано енормно високо ниво на LDH, поточно за 16 пати поголеми вредности од нормалните. Пообемни студии се во тек, на повеќе репрезентативни примероци, за да го потврдат истово.
Оттаму закчучокот дека CRP заедно со LDH треба да се земат во предвид како корисни податоци при лабораториско испитување, за идентификување на пациенти кои се во поризична категорија и имаат сигнали за влошување. Ова е од особено значење за рана идентификација на тешки случаи, посебно кои според анамнеза имаат лесна или средна клиничка слика.
Наша задача, како медицински лица, за време на пандемијата е редовно да ги следиме сите светски истражувања и со имплементација на истите да придонесеме кон навремена дијагностика и намалување на компликации и несакани исходи за време на болеста. Добро е што науката оди напред и секојдневно добиваме нови корисни сознанија кои можат да бидат од корист и за медицинскиот персонал, и најмногу од се за пациентите.
Исто така, на крајот би сакале да се потенцираме дека и покрај големата загриженост кај пациентите, како од самата болест така и од текот на истата, потребно е состојбата да се следи внимателно и редовно од страна на вашиот избран доктор. Токму затоа препораката е покрај ПЦР дијагностиката и потврдување на позитивен случај, првата крвна слика да се направи не порано од 3 дена од појава на првите симптоми, додека во зависност од текот на болеста, медицинските лица прават проценка кога да се направи следната крвна слика.
Антителата IgM за Ковид-19 почнуваат да растат после 7 дена од симптомите на болеста, додека IgG антителата за Ковид-19 својот пик го достигнуваат по 5 недели од позитивниот тест заКовид-19.
За повеќе информации за тестовите, препораки за анализи и консултации можете да закажете термин со специјалистот по медицинска биохемија.