🕓 Пон – Пет: 07:30 – 20:00 | Саб: 07:30 – 13:30

📞 023220505 | 078262220

Што се ддимери?

Ddimer

Нашиот организам има многу важен одбранбен механизам од прекумерно губење на крв при повреда на крвните садови или ткивата. Овој механизам наречен хемостаза, овозможува формирање на нишки од протеинот фибрин, кои се поврзуваат заедно и формираат фибринска мрежа (тромби). Таа мрежа, заедно со тромбоцитите (крвните плочки), помага во одржување на згрутчувањето на крвта што се формира на местото на повредата сè додека не заздрави. Откако областа ќе има време да заздрави и тромбот повеќе не е потребен, телото го започнува спротивниот процес на фибринолиза односно разбивањето на тромбот на мали парчиња за да може да се отстрани од крвотокот. Еден од последните производи на деградацијата на фибрин односно од формираните тромби е Д-димер, кој може да се измери во примерок од крв.

Одредувањето на вредноста на д-димерот во крвта се користи да се одреди присуството на несоодветен тромб. Тој е значаен за исклучување на длабока венска тромбоза, белодробна емболија и мозочен удар. Затоа се препорачува да се одреди вредноста на д-димерите во крвта кога пациентот укажува на симптоми како болки во нозете или осетливост, отекување на нозете, едем, промена на бојата на ногата. Или пак при симптоми на белодробна емболија како што се: ненадејно отежнато дишење, кашлање и болка во градите поврзана со белите дробови. Вредноста на Д-димерите, заедно со други тестови, може да помогне во дијагностицирање на дисеминирана интраваскуларна коагулација (ДИЦ). Тоа е состојба во која се активираат факторите на згрутчување и се создаваат бројни ситни згрутчувања на крвта. Тоа е сложена, понекогаш опасна по живот состојба која може да произлезе од различни ситуации, вклучувајќи некои хируршки процедури, сепса, каснување од отровна змија, заболување на црниот дроб и по породувањето.

Овој тест се користи да се утврди дали се потребни дополнителни испитувања за да се помогне во дијагностицирање на болести и состојби кои предизвикуваат хиперкоагулација, односно тенденција на несоодветно згрутчување на крвта. Референтните вредностите на д-димерите незначително варираат меѓу лабораториите и истите зависат од повеќе фактори. Но генерално прифатени нормални вредности се под 500 ng/mL или 0,5 mg/L. Концентрациите на Д-димери се зголемуваат кај постарите лица и бремените жени, но и при други состојби каде се јавува активација на процесите на коагулација и фибринолиза, како на пр. операции, повреди, инфекции, воспалителни процеси, канцер и др. Тестирањето со Д-димер не е добро проучено кај деца. Постојат неколку различни методи за одредување на вредноста на Д-димер. Тековните достапни тестови на Д-димери кои даваат квантитативни резултати задолжително се прават во  лаборатории каде што валидацијата на резултатите ја прави специјалист по медицинска биохемија или транфузиолог.

Мирјана Ложанковска Трниниќ

Специјалист по медицинска биохемија, м-р фарм.

Раководител на Генеа лабораторија